Büşra Selvi Öğütcen
18 Мај 2017•Ажурирај: 19 Мај 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Мексиканскиот претседател, Енрике Пена Нието, изјави дека злосторствата против новинарите се удар за слободата на говорот, медиумите и сите жители на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Oткако во Мексико во последните два месеци беа убиени најмалку петмина новинари, претседателот Нието свика итен состанок наречен „акција за заштита на слободата на говорот, новинарите и на заштниците на слободата на говорот“. На средбата беа повикани министрите за безбедност и гувернерите на Мексико.
Нието по состанокот изјави дека насилството не може да биде дел од секојдневието во оваа земја.
„Секое злосторство против новинарите е удар за слободата на говорот, за медиумите и за секој жител на оваа земја“, рече Нието.
Тој нагласи дека во текот на средбата донесена е одлука за преземање на три мерки за кои не зборуваше во детали, но вети дека на новинарите кои се во опасност ќе им се обезбеди помош, и дека на обвинителите кои ги истражуваат злосторствата против новинарите ќе им бидат овозможени поопширни извори.
Мексико, од аспект на вршењето на новинарската работа, е една од најопасните земји во светот. Според податоците на мексиканскиот Комитет за заштита на новинарите, од 1992 година убиени се најмалку 40 новинари на должност.
Последната жртва на овие убиства, Хавиер Валдез, ветеран на мексиканското новинарство, кариерата ја минал известувајќи за криумчарењето дрога и за насилствата во сојузната мексиканска држава Синалоа. Тој беше убиен на 15 мај во главниот град на оваа држава Кулијакан. Добитник е на наградата „Press Freedom“.
„Да се биде новинар значи да се биде на црната листа. Тие ќе одлучат кога ќе сакаат да ве убијат, без оглед на тоа дали вие носите панцир и дали шетате со придружба. Не постои безбеден начин за занимавање со новинарството во Мексико“, изјави Валдез за локалната медиумска куќа „RioDoce“.