Мексиканската претседателка ја одби понудата на Трамп за распоредување американски трупи против картелите
„Не, претседателе Трамп, нашата територија е неотуѓива, суверенитетот е неотуѓив. Можеме да споделуваме информации, но никогаш нема да прифатиме присуство на Армијата на Соединетите Американски Држави на наша територија“.

БОГОТА/АНКАРА (АА) - Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум соопшти дека го одбила предлогот на нејзиниот американски колега Доналд Трамп за испраќање американски трупи во Мексико за да помогнат во борбата против нарко-картелите, јавија американските медиуми, пренесува Анадолу.
За време на јавен настан, Шајнбаум ја потврди веста објавена во „Волстрит журнал“ ден претходно, во која се открива дека Трамп побарал поголемо вклучување на американската војска во војната против дрогата во Мексико, објави „Лос Анџелес тајмс“.
„Вистина е“, рече Шајнбаум, додавајќи дека во некои приватни разговори со Трамп во последните месеци, американскиот претседател рекол: „Како можеме да ви помогнеме во борбата против трговијата со дрога? Предлагам Армијата на Соединетите Американски Држави да влезе за да ви помогне“.
Шајнбаум истакна дека таа го отфрлила неговиот предлог, велејќи му: „Не, претседателе Трамп, нашата територија е неотуѓива, суверенитетот е неотуѓив... Можеме да соработуваме, можеме да работиме заедно, но со вас на вашата територија и со нас на нашата. Можеме да споделуваме информации, но никогаш нема да прифатиме присуство на Армијата на Соединетите Американски Држави на наша територија“.
Според објава во „Волстрит журнал“ од 2 мај, Трамп наводно во телефонски разговор со Шајнбаум на 16 април рекол дека американските трупи што ќе ги испрати би можеле да помогнат против картелите во Мексико.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.