КАБУЛ (АА)
- БИЛАЛ ЃУЛЕР/САЈЕД ХОДАИБЕРДИ САДАТ
Ширингул Мусазеј, која се обидува да преживее со своите 7 деца во шатор во авганистанската провинција Херат, ќе мора да ја даде 5-годишната ќерка Салиха доколку не го исплати долгот од 1.500 долари на нејзиниот сопруг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со заминувањето на силите на НАТО предводени од САД од 31 август 2021 година и повторното преземање на Авганистан од страна на талибанците се намали меѓународната помош и се зголемија сиромаштијата и бедата во земјата.
Според извештаите на Обединетите нации (ОН), половина од земјата има тешкотии во снабдувањето со храна, а бројот на семејства што сакаат да ги продадат своите деца за да купат парче леб се зголемува низ целата земја.
30-годишната Ширингул Мусазеј, жителка на регионот Шехр-и Себз, кој е на околу 20 километри од центарот на провинцијата Херат, во репортажата за дописникот на Агенција Анадолија (АА) раскажа за економските проблеми со кои се соочува.
Во регионот Шахр-и Себз живеат илјадници луѓе кои мораа да мигрираат во Херат од соседните провинции Бадгис, Фарах и Гор поради сушата што се влоши во последните 3-4 години и конфликтите меѓу талибанците и претходната влада.
Меѓу овие луѓе се наоѓаат и Ширингул Мусазеј и нејзиното семејство.
Ако Мусазеј не може да го плати долгот од 1.500 долари што ѝ го остави сопругот, ќе мора да ја даде својата 5-годишна ќерка Салиха.
- Таа се бори да преживее во шаторот
Мусазеј, која емигрирала во ова село од Бадгис пред 3 години со својот сопруг и 5-те девојчиња и 2 момчиња, сега се бори да преживее со своето семејство во шатор што не е отпорен на студ, пушта вода кога врне и не може да држи топлина.
Мајката и нејзините деца ноќе спијат под дебели јоргани со што се обидуваат да ја избегнат опасноста од студот.
„Многу е студено навечер. Ме болат рацете. Болна сум и ми студи“, рече Мусазеј.
Во шаторот во кој престојуваат, семејството нема ниту шпорет за греење, а речиси нема и што да јаде. Генерално, семејството се храни со чај и сув леб, а во шаторот како кујнски прибор има плинска боца, чајник, два термоса, неколку чаши и чинии.
На прашањето „Што јадевте денес?“ Мусазеј одговори: „Чај и неколку парчиња сув леб. Вчера јадевме неколку компири што ги донесоа соседите. Немаме што друго да јадеме. Сакаме да ни се помогне.“
Мајката и децата не можат ни да се присетат кога последен пат имале пристоен оброк.
- Сопругот наркоман го напуштил шаторот
Ширингул Мусазеј, истакнувајќи дека нејзиниот сопруг Гуламсехи е зависник од дрога, рече дека го оставила и дека последен пат го видела пред 8 месеци.
Наведувајќи дека додека живеела во Бадгис, нејзиниот сопруг позајмил 1.500 долари од Хан Хазрет, еден нивни познаник, Мусазеј рече дека не е во состојба да го исплати долгот.
Мусазеј, посочувајќи дека не знае што направил нејзиниот сопруг со парите што ги позајмил, додаде:
„Мораме да си го платиме долгот, или со пари или со давање на нашето дете. Ние сме гладни како семејство. Немаме роднини кои можат да ни помогнат. Сите се сиромашни. Мораме да ја дадеме ќерката за возврат на долгот. Никој не ни помага. Или ќе ја продадам ќерката или ќе ја дадам за возврат на мојот долг.“
- Заемодавачот сака да ја омажи Салиха за неговиот 12-годишен син
Заемодавачот Хан Хазрет (35) е исто така еден од оние што мигрирале во ова село од Бадгис пред 3 години.
Хазрет истакна дека претходно бил во добра финансиска состојба во Бадгис и дека на Гуламсехи му позајмил 1.500 долари за да го прехрани своето семејство.
Истакнувајќи дека сега и тој е осиромашен и не може да преживее, Хазрет рече дека сака или да му биде исплатен долгот или за возврат да ја омажи Салиха со својот 12-годишен син.
- Девојките се продаваат на мала возраст
Во авганистанските семејства кои се борат да преживеат во стегите на гладот и бедата, машките деца во семејството обично можат да донесат дома мала сума пари со чистење чевли во градот, собирање пластика и хартија од отпадот.
Сепак, некои семејства сакаат да ги „дадат“ своите ќерки бидејќи не можат финансиски да придонесат во домаќинството. Поради оваа причина, продажбата на мали девојчиња за брак е честа појава низ земјата.
Купувачите дозволуваат девојчињата да останат со своите семејства додека не наполнат 11-12 години. Кога девојчињата ќе ја достигнат таа возраст, принудени се да се омажат за децата на заемодавачот.
- Авганистанската економија е во историски колапс
Откако талибанците ја презедоа администрацијата на Авганистан на 15 август, меѓународната помош за оваа земја е прекината.
Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Федералните резерви на САД го прекинаа пристапот на Авганистан до меѓународните фондови.
Во Авганистан, кој минува низ тешко време поради зголемените конфликти и нестабилноста од минатото лето, економијата на земјата многу се влоши по кратењето на меѓународната помош.
Невработеноста, сиромаштијата и гладот достигнаа алармантни нивоа во Авганистан.
Организацијата на ОН за храна и земјоделство (FAO) соопшти дека бројот на луѓе што се соочуваат со акутна несигурност за храна во Авганистан е најмалку 18,8 милиони, а се очекува оваа бројка да се зголеми на 22,8 милиони во текот на зимските месеци.