Zeynep Hilal Karyağdı
15 Јули 2018•Ажурирај: 16 Јули 2018
РАБАТ (AA) – СЕНА КЕРИМ –
За тоа дека човекот учи додека е жив, свесен е и 70-годишниот Мароканец Лехасан ес Шакири, кој одлучи да се врати во школските клупи и да го заврши средното училиште.
Кога бил во својата школска возраст, лошата материјална ситуација го натерала да прекине со образованието и да почне да работи. Сепак, љубовта кон училиштето била пресудна, така што одлучил да продолжи со школувањето по заминувањето во пензија.
Приемниот испит за средно училиште го полагал во Тингир, а сега ги чека резултатите кои ќе бидат објавени на 19 јули, за можноста да го продолжи образованието.
Тој се надева дека еден ден ќе има можност да се запише и на факултет и да студира Социологија.
Шакири е воедно и најстариот кандидат кој полагал приемен испит. Тој додаде дека во 2014 година добил диплома за завршено основно училиште, и дека во изминатите четири години сам учел од училишните учебници.
Тој има намера да го заврши средното училиште за возрасни, а потоа да студира Социологија и да го продолжи школувањето, и покрај годините што ги има.
Шакири за Anadolu Agency (AA) зборуваше за бројните несреќи кои му се случиле и дека во текот на животот извршувал различни работи.
Престојувал во Франција, каде што во текот на денот работел за да заработи малку пари за да го издржува семејството во Мароко, а потоа одел во вечерно училиште.
За тоа време читал многу книги, списанија и весници.
„Дури и кога се оддалечив од училишната клупа, не се откажав од читањето и учењето. Сакам да читам. Иако малку ’зарѓав‘, сепак, купував книги. Направив помала библиотека на арапски и француски јазик. Љубовта кон читањето ми ја пренесе еден Французин. Тој ми овозможи по работа да одам на часови по француски, а ми даваше и книги и романи на француски јазик“, рече Шакири.
Додека бил во Франција, живеел во град близу германската граница, така што имал можност за учење и на германскиот јазик. Откако се пензионирал, одлучил да се врати во својата татковина.
„Науката зазема важно место во животот на човекот. Велат дека треба да се учи од лулка, па сè до гроб. Човекот може секогаш да се школува, без разлика за кој дел од животот се работи. Потребни се само желбата и трпеливоста“, рече Шакири.