Hasan Esen
15 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
ХЕЛСИНКИ (АА) - Во главниот град на Финска, Хелсинки, утре ќе се одржи историски состанок помеѓу американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, а Самитот е организиран со максимални мерки за безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Самитот ќе се одржи во претседателската палата во Хелсинки, а домаќин на првата средба помеѓу Трамп и Путин ќе биде финскиот претседател Саули Нинисто.
Најавени се билатерални средби по кои ќе се одржи работен ручек, а потоа Трамп и Путин заедно ќе им се обратат на новинарите.
Самитот, според најавите, треба да трае околу четири часа, а на дневен ред ќе се најдат многу теми, вклучувајќи ги и односите САД - Русија, обвинувањата за руската вмешаност во претседателските избори во САД, ситуацијата во Сирија, процесот на денуклеаризација, руските воени активности во Украина, анексијата на Крим и случајот со Северна Кореја.
Американскиот претседател Трамп, во пресрет на Самитот кажа дека Путин не го смета за непријател, туку за конкурент, а од Русија ќе бара да изврши притисок врз Северна Кореја за да може земјата да влезе во процесот на денуклеаризација. Од Путин ќе побара да стави крај на економската помош и тајното купување на севернокорејскиот јаглен.
Како дел од барањата кои Трамп ќе му ги упати на Путин се и продолжувањето на решавањето на сириската криза, оддалечувањето на Иран од тој регион, продолжување на денуклеаризацијата во согласност со Договорот од времето на Студената војна и поголема поддршка на Русија во борбата против тероризмот во светот.
Од друга страна, главните очекувања на Путин од Трамп се нормализирање на руско-американските односи и укинување на меѓународните санкции кои беа воведени за Русија поради кризата со Украина.
Според најавите, Путин ќе се обиде да го убеди Трамп во легитимитетот на руската анексија на Крим и ќе побара од него уште еднаш јавно да каже дека Русија не била вклучена во последните американски претседателски избори.
Колумнистката за британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian), Натали Нугејред, пишува дека рускиот претседател Путин ќе биде тој кој ќе има повеќе корист од утрешниот Самит во Хелсинки.
„Само еден човек ќе биде добитник. Тоа нема да биде човекот кој сака да се вози низ голф-терените, туку оној кој сака да се фотографира додека јава коњи во Сибир“, пишува Нугејред.
Политичкиот аналитичар од американскиот институт „Brookings“, Павел К. Баев, смета дека утрешниот Самит помеѓу Трамп и Путин е настан кој влева доста надеж и страв, но дека не се очекува да помогне во решавањето на најитните прашања за кои ќе зборуваат двајцата претседатели.
„Како резултат на Самитот ќе имаме невозвратени гестови и празни ветувања“, смета Баев.
Ова не е првпат лидери на САД и поранешниот Советски Сојуз, односно подоцна Русија, да се состанат во Хелсинки. Главниот град на Финска и претходно беше домаќин на три вакви самити.
Џералд Форд и Леонид Брежнев во Хелсинки се состанаа во 1975 година. Џорџ Буш и Михаил Горбачов, тоа го направија во 1990 година, и повторно во Хелсинки, во 1997 година, се сретнаа Бил Клинтон и Борис Елцин.