Ekipa
12 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Одделот за имиграција во Малезија утринава соопшти дека на поранешниот премиер Наџиб Резак и на неговата сопруга Росма Менсур им е забрането да ја напуштат земјата. Забраната е издадена откако брачниот пар најави дека заминува на краток одмор во Индонезија, пренесува Anadolu Agency (АА).
Наводно Резак и неговата сопруга требало да патуваат за Џакарта. Ова предизвика низа шпекулации за тоа дека неодамнешниот премиер и неговата сопруга бегаат од земјата поради страв дека ќе бидат соочени со обвиненија за милионска корупција во врска со раководењето на државниот фонд.
Коалицијата на Наџиб Резак доживеа пораз на изборите оваа недела, завршувајќи го своето 60-годишно владеење.
Преку социјалните мрежи, Наџиб истакна дека ќе се залага за „постепен трансфер на власта“, се извини за сите грешки и пропусти и нагласи дека има намера да продолжи да му служи на народот.
„Се надевам дека земјата по овој период ќе се обедини“, рече Наџиб.
Од Канцеларијата за имиграции, иако претходно соопштија дека брачната двојка не се наоѓа на црната листа, сега издадоа соопштение во кое се наведува дека Наџиб и неговата сопруга „само што се ставени на црната листа на оние кои не можат да ја напуштат земјата“.
Наџиб порача дека ќе ја испочитува таа одлука и дека ќе остане во земјата со членовите на своето семејство.
Националниот фронт е коалиција во која главна улога има Малајската партија, а владееше со Малезија од прогласувањето независност од Велика Британија. Со последните избори освои 79 од 222 места во Парламентот, со што изгуби од Алијансата предводена од партијата на Махатир Мухамад.
Махатир беше премиер 22 години, до заминувањето во пензија во 2003 година.