ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон и катарскиот емир шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани изјавија дека се против израелскиот напад врз Рафа, јавува Анадолу.
Продолжува дводневната официјална посета на емирот на Катар, кој во вчера пристигна во Франција.
Макрон вчера беше домаќин на Ал Тани во Елисејската палата во главниот град Париз.
Според заедничката изјава по повод средбата, двајцата лидери разговарале за израелските напади врз Газа и за соработката меѓу двете земји на различни полиња.
Макрон и Ал Тани нагласија дека напорите за посредување во регионот се неопходни за хуманитарна пауза во Газа.
Францускиот претседател и катарскиот емир изразија задоволство од напорите што ги прават нивните земји за постигнување договор за испорака на хуманитарна помош и лекови за жителите на Газа и нагласија дека итен и траен прекин на огнот во регионот е неопходен за да се достават поголеми количества хуманитарна помош во Газа.
Тие порачаа и дека е неопходно да се заштитат цивилите.
Макрон и Ал Тани изјавија дека се противат на израелскиот напад врз Рафа и повикаа на отворање на сите влезни точки во Газа за да можат хуманитарните работници да продолжат со своите активности и да дистрибуираат храна.
Изјавувајќи дека ќе обезбедат вкупно 200 милиони долари за поддршка на палестинскиот народ, Макрон и Ал Тани рекоа дека ги осудуваат сите видови напади врз цивилите и дека новинарите треба да можат да работат во конфликтните области.
Тие рекоа дека формирањето палестинска држава во границите од 1967 година и дводржавното решение се единствени остварливи решенија.
Тие истакнаа дека Франција и Катар силно го поддржуваат историскиот статус кво на светите места во Ал-Кудс (Ерусалим).
Двајцата лидери изразија загриженост поради зголемувањето на тензиите во регионот и во Појасот Газа, сите чекори што ги туркаат регионот и светот во нестабилност и заканата по слободата на пловидба по Црвеното Море.
Истакнувајќи дека нападите што ги прекршуваат правата и слободата на пловидба по Црвеното Море мора да престанат, Макрон и Ал Тани нагласија дека се посветени на решавањето на политичките и економските проблеми на Либан.
Двајцата лидери истакнаа дека се посветени на суверенитетот и стабилноста на Либан и дека ќе продолжат да ја поддржуваат либанската армија и дека во тој контекст ќе се одржи меѓународна конференција во Париз.
Истакнувајќи дека руско-украинската војна предизвика сериозни последици, Макрон и Ал Тани изјавија дека ги поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Макрон и Ал Тани посочија дека се подготвени да соработуваат за зајакнување и модернизирање на воените капацитети на Катар.