свет

Макети на болката: Палестинската младина ја овековечува разурнатоста во Газа во визуелна меморија

- Проектот прикажува сцени од уништените домови, шаторските кампови како резултат на присилното раселување, возилата што пренесуваат бегалци, авионите што исфрлаат хуманитарна помош...

Sanja Kerazovska  | 11.02.2026 - Обновена : 11.02.2026
Макети на болката: Палестинската младина ја овековечува разурнатоста во Газа во визуелна меморија Hani Alshaer/AA

КАН ЈУНИС (АА) – Во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, млади Палестинци изработуваат макети со кои ги прикажуваат последиците од израелските напади врз Појасот Газа, кои траат повеќе од две години, со цел да се зачува визуелен запис од уништувањето и раселувањето на палестинскиот народ, пишува Анадолу.

Проектот, кој го реализираа Мухамед ал-Наџар, Јазан Шахин и Ваад ал-Хамс, прикажува сцени од уништените домови, шаторските кампови како резултат на присилното раселување, возилата што пренесуваат бегалци, авионите што исфрлаат хуманитарна помош и крајбрежните подрачја што отсликуваат различни фази од војната во Газа.

Макетите, исто така, прикажуваат шатори покрај крајбрежјето, амбулантни возила, возила на цивилната заштита, автомобили на Црвениот крст, полски болници, израелски воени авиони, чамци поврзани со „Флотилата на слободата“, како и воени бродови што ги блокираат.

Изложени се и фотографии од меѓународни личности, новинари и активисти вклучени во активности поврзани со Газа, со посебен акцент на оние што се убиени во нападите.

Младите рекоа дека проектот има за цел да осигури дека случувањата нема да бидат заборавени и да го претвори уништувањето што го доживеа населението на Газа во трајна визуелна меморија.

Во израелската офанзива што започна во октомври 2023 година убиени се речиси 72.000 Палестинци, повредени се повеќе од 171.000 и уништени се 90 отсто од инфраструктурата на Газа.

На 10 октомври е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, врз основа на мировниот план од 20 точки, предложен од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

И покрај прекинот на огнот, израелската армија продолжува да го прекршува договорот, при што се убиени 576 Палестинци, а повредени се 1.543, според податоците од Министерството за здравство на Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.