ДАКАР (АА) - ФАТМА ЕСМА АРСЛАН -
Мадагаскар, островска земја во Индискиот Океан, стана првата земја што се бори против гладот предизвикан само од климатските промени, иако нема удел во факторите што ги предизвикуваат климатските промени, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Светската програма за храна (WFP), во земјата со приближно 27.000.000 жители, 1.140.000 луѓе не можат да најдат храна за да се прехранат. Во земјата е регистрирана најтешката суша во последните 40 години.
Светската програма за храна (WFP) го акцентира фактот дека 14.000 луѓе моментално живеат во услови на катастрофа. Исто така нагласуваат дека 400.000 луѓе ќе се соочат со глад во блиска иднина.
Ако сушата продолжи и во наредниот период, ќе бидат потребни 78.600.000 долари за да му се обезбеди на локалното население доволно храна за да преживее.
Во регионот во кој земјоделството е главна егзистенција, сушата најмногу се чувствува во градот Амбовомбе во регионот Андрој.
- Луѓето јадат кактус-овошје, скакулци и глина -
Екипата на Светската програма за храна (WFP), што минатата недела го посети регионот, одржа прес-конференција, на која ги сподели податоците за обемот на гладот предизвикан од сушата.
Дејвид Бизли, директорот на Светската програма за храна (WFP), ја опиша ситуацијата во регионот како „доволно лоша каква што може да се види само во хорор-филмови“. Според нив, народот со месеци се храни со бела глина, кактус-овошје, диви лисје и скакулци.
Бизли истакна дека оваа катастрофа е предизвикана целосно од климатските промени, а не од војна или внатрешен конфликт.
Портпаролот на Светската програма за храна (WFP), Шели Такрал, исто така, наведе дека населението се обидува да размени сè што има, вклучително и прибор за јадење, за неколку залаци храна.
Во историјата на човештвото е познато дека гладот обично е предизвикан од наезда на штетници или кога реколтата останува во нивите. Генерално, причините за гладот во современиот свет предизвикани од човечкиот фактор се наведени како природни катастрофи или недостаток на политички активности.
Мадагаскар, кој не доживеа ниту еден од овие процеси, влезе во историјата како „прва земја што се бори со глад предизвикан само од ефектите на климатските промени“.
Покрај тоа, според Светската програма за храна (WFP), Мадагаскар плаќа највисока цена и покрај тоа што нема удел во овие климатски промени.
- Тврдењето дека населението јаде кожа за правење сандали создаде контроверзии -
Мадагаскар е обвинет дека е гледач на она што се случува на југот.
Новинарката Гаил Боргија, која работи за „Франс 24“ (France 24) и АФР (AFP), во видеото што го сподели на својот фејсбук-профил на 21 јуни истакна дека населението јаде остатоци од кожа користена за правење сандали. Тоа предизвика дискусија во земјата.
Иако Боргија, која го снимаше видеото, напиша дека е шокирана од она што го видела, Владата ги негираше тврдењата на новинарката и посочи дека настанот е измислен.
Видеото снимено во градот Андрој покажува како локалното население ја врие во топла вода кожата исечена на мали парчиња и потоа ја јаде.
- Ветувањата од Парискиот договор сè уште не се исполнети -
Гладот во јужниот дел на Мадагаскар уште еднаш потсети дека сè уште не се собрани ресурсите што треба да бидат доделени од развиените земји за борба против климатските кризи во земјите во развој.
Покрај тоа што развиените земји најавија дека ќе одвојат 100 милијарди долари за поддршка на земјите во развој во борбата против климатските промени во рамките на Парискиот договор, што досега го потпишаа 189 земји, целта сè уште не е постигната.
Се забележува дека се потребни уште 20 милијарди долари од донаторите за да се исполни целта од 100 милијарди долари.
- 140 милиони луѓе ќе станат „климатски бегалци“ -
Според проценките на Светската банка, до 2050 година, 140 милиони луѓе од Супсахарска Африка, Јужна Азија и Латинска Америка ќе мора да ги напуштат своите земји поради климатските промени.
Покрај тоа, ефектите од климатските промени ќе се почувствуваат не само во овие региони, туку и во Европа, Азија и САД, каде што ќе замине населението.
Лицата што ја напуштаат својата земја поради еколошките катастрофи и климатските промени се сметаат за „климатски бегалци“.
Обединетите нации (ОН), исто така, за прв пат во 2020 година одлучија дека оние што живеат во областите погодени од климатските промени ќе може да добијат азил.
- Три земји предизвикуваат скоро половина од вкупните емисии на јаглерод диоксид -
Развиените земји се лидери во однос на емисиите на јаглерод диоксид, што е еден од главните фактори што ги активира климатските промени.
Според извештајот на Глобалниот јаглероден буџет 2019, САД се рангирани на првото место по емисиите на јаглерод диоксид по глава на жител со 16,6 тони, Кина е на второ место со 7 тони, а земјите од Европската Унија се на трето место со 6,7 тони.
На годишно ниво, количината на емисии на јаглерод диоксид изнесуваше 10,1 милијарди тони во Кина, 5,4 милијарди тони во САД и 2,7 милијарди тони во Индија.
Во Мадагаскар, кој ја плаќа најскапата цена за климатските промени, евидентираните емисии на јаглерод диоксид по глава на жител изнесуваат 0,16 тони, а годишните емисии на јаглерод диоксид 4,2 милиони тони.
Кина, ЕУ и САД предизвикуваат 41,5 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид во светот.
news_share_descriptionsubscription_contact
