Tayfun Salcı
23 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ЛОНДОН (АА) - Марк Роули, заменик-комесар во британската полиција, одговорен за одделот за борба против тероризмот во Британија, соопшти дека терористот за нападот во Лондон бил инспириран од меѓународниот тероризам, јавува Anadolu Agency (AA).
Роули се обрати пред новинарите собрани пред зградата на Скотланд Јард: „Во оваа фаза нема да зборувам за идентитетот на напаѓачот, но можам да кажам дека лицето било инспирирано од меѓународниот тероризам“.
Заменик-комесарот истакна дека дел од ранетите се сериозно повредени, а состојбата на двајца од тројцата ранети полицајци е сериозна.
Марк Роули изјави дека полицијата врши истрага на местото на настанот, и се бара мотивот на напаѓачот. Особено се прават напори да се расветли подготовката на нападот и поврзаноста на напаѓачот со други лица. Тој додаде дека се разгледуваат снимките од безбедносните камери во околината.
- Се зголемуваат безбедносните мерки -
Роули истакна дека нема да го кренат и онака високото ниво на безбедносни мерки поради терористичка закана во земјата, но ќе бидат зголемени безбедносните мерки на местата каде што има голем проток на луѓе.
Во тие рамки, во наредните неколку дена ќе биде зголемен бројот на вооружени и невооружени полицајци, со цел на народот да му се влее сигурност.
Роули истакна дека ќе биде засилена и безбедноста на местата кои се симболи во земјата, а по овој немил настан ќе бидат ставени под заштита малцинските групи во земјата, поради членовите на екстремните десни движења.
На едно прашање во врска со напаѓачот, Роули одговори дека претпоставуваат кој е напаѓачот и се истражуваат неговите врски, но во оваа фаза од истрагата не е во можност да даде повеќе детали. Тој соопшти дека при терористичкиот напад загинал 48-годишниот полицаец Кет Палмер, кој беше прободен со нож.
Вчера во 14.40 часот по локално време, лице чиј идентитет полицијата сѐ уште не го соопштува, изведе напад на мостот Вестминистер, насоувајќи го своето возило кон луѓето. Возилото запре откако удри во железната ограда на британскиот Парламент. Напаѓачот излезе од возилото и со нож го нападна полицаецот што беше на должност во Парламентот. Британската полиција отвори оган врз напаѓачот, при што тој беше неутрализиран.