Литванија прогласи вонредна состојба поради балони кои го нарушуваат воздушниот простор
- Литванската Влада објави дека е воведена вонредна состојба на национално ниво, која стапува на сила денес, бидејќи балоните продолжуваат да претставуваат закана за интересите на националната безбедност на државата, животот, здравјето, имотот...
ПРИШТИНА (АА) - Низ цела Литванија е прогласена вонредна состојба поради континуираните нарушувања на воздушниот простор од страна на метеоролошки балони што носат криумчарена стока од Белорусија, известува Анадолу.
Во писменото соопштение што го објави литванската Влада се вели дека е воведена вонредна состојба на национално ниво, која стапува на сила денес, бидејќи балоните продолжуваат да претставуваат закана за интересите на националната безбедност на државата, животот, здравјето, имотот и животната средина на луѓето.
Литванскиот министер за внатрешни работи, Владислав Кондратович, е назначен да ги води операциите за вонредна состојба.
Литванската премиерка Инга Ругиниене изјави дека јавноста нема да доживее никакви непријатности поради прогласената вонредна состојба и додаде:
„Мора да преземеме најстроги мерки во борбата против хибридниот напад на Белорусија и да ги заштитиме областите најпогодени од овој напад. Сите надлежни институции ги здружуваат силите за да ја елиминираат заканата што ја претставуваат нелегалните балони.“
Министерот за внатрешни работи Кондратович пак, истакна дека ќе можат потесно да соработуваат во спроведувањето на вонредната состојба бидејќи војската ќе има одредени посебни овластувања.
Во соопштението на Владата се нагласува дека аеродромот Вилнус е затворен приближно 60 часа од октомври поради заканата што ја претставуваат нелегалните метеоролошки балони за цивилното воздухопловство, што влијае на повеќе од 300 летови и засега повеќе од 47.000 патници.
Сè уште не се објавени информации колку ќе трае вонредната состојба.
- Цигари се шверцуваат со метеоролошки балони
Аеродромот Вилнус, во истоимениот главен град на Литванија, неколку дена по ред со часови е затворен за летови од октомври, поради метеоролошките балони со кои се шверцуваат цигари од Белорусија, што го нарушува воздушниот простор на земјата. Како одговор на ова, Литванија секој пат привремено ги затвора своите гранични премини со Белорусија.
Властите претходно ја обвинија Белорусија дека испраќа такви балони преку границата со цел шверц на стока или нарушување на воздушниот сообраќај во близина на Вилнус.
Премиерката Ругиниене објави дека планираат на неодредено време да ги затворат граничните премини со Белорусија и соборување на спорните балони.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
