Rania R.a. Abushamala
14 март 2024•Ажурирај: 15 март 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израел ја „изгуби војната“ во Појасот Газа, дури и ако влезе во јужниот град Рафа, бидејќи израелската Армија е „исцрпена“ на сите фронтови, изјави генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, пренесува Анадолу.
„Дури и експертите во Израел ги признаваат загубите нанесени од Оската на отпорот. По шестмесечни борби, хебрејската држава не можеше да извојува ниту една победа или да постигне ниту една цел. Соочени со масакри, уништување и мачеништво, луѓето од Газа продолжуваат да се спротивставуваат со сила и храброст“, рече Насрала во телевизискиот говор по повод муслиманскиот свет месец Рамазан.
Тој му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека, дури и да оди во Рафа, „ја изгубил војната и не може да го елиминира Хамас или отпорот во Газа и покрај сите масакри“.
Тој рече дека „израелската Армија е уморна и исцрпена на сите фронтови и дека бројот на жртви во нивните редови е многу висок и многу поголем од пријавениот“.
Насрала истакна дека како резултат на операцијата „Поплава Ал Акса“ и борбите на северниот фронт во близина на Либан, нема доволно војници во израелската Армија за да ја продолжат војната.
Тој рече дека „економските загуби во јужен Либан не можат да се споредат со значителните загуби од окупацијата на јужниот фронт (Газа)“.
Насрала нагласи дека „отпорот во Ирак и неговите беспилотни летала и ракети против (израелскиот) ентитет е континуирана и тековна работа, а фронтовите за поддршка ќе продолжат со својата работа во текот на месецот Рамазан.
„Дали некој верува дека американскиот претседател Џо Бајден не може да ја запре војната во Газа? Тој може лесно да ја запре агресијата врз Газа, без разлика дали во Советот за безбедност (ОН) или на друго место“, рече тој.
Испуштањето хуманитарна помош за Газа го опиша како „лицемерие“, но и како „американска глупост“.
„Она што се бара од американската администрација е да ја запре агресијата врз Газа“, нагласи Насрала.
Насрала потврди дека палестинската група Хамас преговарала во име на сите фракции на отпорот, а не од позиција на слабост, туку наметнува услови.
Во судирите меѓу израелската Армија и Хезболах од 8 октомври 2023 година, загинаа 242 членови на Хезболах, 49 либански цивили, 11 членови на движењето Амал, 12 членови на Хамас, 12 членови на Исламски џихад, шест израелски цивили и 11 војници.
Тензиите покрај границата меѓу Либан и Израел, кој е обвинет за геноцид во Појасот Газа, се зголемија, со повремена размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах, во најсмртоносните судири откако двете страни водеа војна во 2006 година.
Тензиите се зголемија по почетокот на израелската воена офанзива на Појасот Газа, во која од 7 октомври досега беа убиени повеќе од 31.000 Палестинци.