свет

Лидерите на Г7 како „воено злосторство“ го опишаа рускиот напад врз трговскиот центар во Кременчук

- Лидерите на Г7 во заедничка изјава го осудија нападот на руските сили врз трговскиот центар во Кременчук, Украина и го опишаа како „воено злосторство“

Aysu Biçer  | 28.06.2022 - Обновена : 29.06.2022
Лидерите на Г7 како „воено злосторство“ го опишаа рускиот напад врз трговскиот центар во Кременчук

ШЛОС ЕЛМАУ (АА) - Лидерите на Г7 во заедничка изјава го осудија нападот на руските сили врз трговскиот центар во Кременчук, Украина и го опишаа како „воено злосторство“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На тековниот самит во Германија, лидерите на Г7 на Украина и ветија финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка колку што е потребно.

Од друга страна украинскиот претседател Владимир Зеленски соопшти дека руските сили во градот Кременчук погодиле трговски центар во кој се наоѓале повеќе од 1.000 цивили.

Лидерите на Г7 во заедничката изјава истакнаа дека најостро го осудуваат грозоморниот напад на трговскиот центар.

„Ние стоиме покрај Украина и изразуваме сочувство за невините жртви на овој брутален напад. Нападите врз невини цивили се воено злосторство. Ќе одговараат рускиот претседател Путин и другите одговорни за овој напад“, се вели во соопштението.

Наведувајќи дека ќе продолжат да обезбедуваат финансиска, хуманитарна и воена поддршка за Украина, лидерите нагласија: „Нема да одмараме се додека Русија не стави крај на својата сурова и бесмислена војна против Украина.“

Во соопштението на украинското воздухопловство се наведува дека Трговскиот центар „Амстор“ бил погоден со ракети „Х-22“ лансирани од воени авиони од типот „Ту-22М3“ од руската област Курск.

Дмитриј Лунин, началник на регионалната воена управа на Полтава, нагласувајќи дека пожарникарите продолжуваат со гаснењето на пожарот што избувна во трговскиот центар погоден со ракети, информираше дека во нападот 10 лица ги загубиле животите, а повеќе од 40 лица се повредени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.