Zehra Nur Düz
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
ТАРХУНА (АА) - Либиската Влада продолжува да открива посмртни останки во масовните гробници во градот Тархуна, 90 километри североисточно од главниот град Триполи, што зад себе ги оставија нелегитимните милитантни сили кои ги предводи Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тимовите на Генералната управа за истражување и идентификација на исчезнати лица ги ексхумираа посмртните останки на уште 17 лица од пет масовни гробници откриени во изминатите три дена во земјоделското подрачје Рабит во Тархуна.
Досега се пронајдени посмртните останки на 112 лица во повеќе од 20 масовни гробници во Тархуна, откако во јуни овој град повторно беше заземен од либиските владини сили признаени од ОН.
Либиските тимови продолжуваат да го пребаруваат теренот на поширокото подрачје за да пронајдат нови гробници.
„Минатата недела, посмртните останки на 14 лица беа пронајдени во пет масовни гробници, додека во неделата уште две тела беа ексхумирани на две одделни локации“, изјави Лутфи Тевфик Мисрати, шефот на Канцеларијата која ги бара исчезнатите лица во земјата.
Министерот за внатрешни работи, Фетхи Башага, во саботата повика на национална и меѓународна истрага за злосторствата на Хафтар.
Либиската Влада откри неколку масовни гробници во Триполи и Тархуна по поразот на Хафтар во неговата неодамнешна офанзива врз Триполи.
Либиските власти велат дека милицијата на Хафтар и сојузничките платеници извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото во периодот од април 2019 до јуни 2020 година.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Обединетите нации ја признаваат либиската Влада, предводена од Фајез ал Сараџ, како легитимна власт на земјата. Владата од Триполи се бори против милициите на Хафтар кои во април 2019 година започнаа напад за освојување на главниот град, војна во која досега настрадаа над 1.000 лица.
Турција ја поддржува легитимната Влада предводена од Ал Сараџ.