Ekip
23 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
ТРИПОЛИ
Владата на Либија продолжува да открива посмртни остатоци од масовните гробници во градот Тархуна, 90 километри североисточно од главниот град Триполи, што зад себе ги оставиле неидентификуваните милитантни сили кои ги предводи Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Новата гробница пронајдена е на големото земјоделско подрачје познато како Машроу Алзераи“, се наведува во соопштението на Општата управа за истражување и идентификација на исчезнати лица.
Властите наведоа дека нивните тимови ќе ги ексхумираат гробниците во недела. Не дадоа повеќе детали.
Властите на Либија во понеделникот објавија дека откриле две масовни гробници на истото подрачје.
Од јуни минатата година во различни подрачја на Тархуна пронајдени се 81 масовна гробница.
Според податоците, 248 посмртни остатоци се ексхумирани од масовните гробници во Тархуна од поразот на Хафтар во јуни 2020 година.
Во март властите на Либија соопштија дека имаат списоци на 3.650 исчезнати во различни градови на Либија, вклучително и на 350 исчезнати во Тархуна.
Според службените извори, Хафтаровите сили и поврзаните милиции извршиле воени злосторства и геноцидни дела во периодот помеѓу април 2019 година и јуни 2020 година.
Меѓународниот кривичен суд на 22 јуни минатата година соопшти дека обвинителството добило доверливи информации за масовните гробници.
Припадниците на милицијата Канијат, која го поддржува Хафтар, се товарат за вонсудски погубувања на неистомислениците и на цивилното население за време на контролата над Тархуна.