Mustafa M. M. Haboush,Safiye Karabacak
04 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Либискиот премиер, Абдулхамид Дбеибе, изјави дека Либија не прифаќа да се поклони на авторитетот на завојуваните страни со помошта и финансирањето што ги добиваат од странство, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не можеме да бидеме под хегемонијата на ниедна страна која е поддржана и финансирана од странство, која води војна во Либија и е во војна со нас“, рече Дбеибе, одговарајќи на прашањата на Либијците за време на телевизиска емисија во живо. Тој рече дека целта на Владата е да обезбеди мир во Либија, да избегне војна и мешање.
Дбеибе нагласи дека либиската територија им припаѓа на Либијците, и ниедна армија, вооружена или невооружена група не може да се монополизира во земјата.
„На втората Берлинска конференција, го повративме престижот на либиската држава и ја претставивме иницијативата. Во изминатите години, досието за Либија беше целосно во рацете на надворешниот свет. Секое решение понудено за Либија, прво мора да помине низ Либија“, порача тој.
Либискиот премиер исто така рече дека се очекува утре Парламентот да го одобри предлог-буџетот за 2021 година.
Како дел од дијалозите предводени од ОН, состаноците на Заедничкиот воен комитет 5 + 5 се одржаа на 23 октомври 2020 година во Женева. Како резултат на состаноците, беше потпишан договор за постојан прекин на огнот меѓу легитимната либиска Влада и делегациите на воениот генерал Калифа Хафтар.
Во рамките на политичкиот процес што започна по договорот за прекин на огнот, Либискиот форум за политички дијалог во ноември минатата година одлучи изборите да се одржат во декември 2021 година.
Либијците се надеваат дека новата Влада на единство ќе стави крај на повеќегодишната граѓанска војна што ја зафати земјата по соборувањето и убиството на долгогодишниот лидер на земјата Моамер ал-Гадафи во 2011 година.