Enes Canlı
17 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Либиската Армија соопшти дека во воената база „Ватија“ уништила втор систем за противвоздушна одбрана „Панцир“ од руско потекло и едно кинеско вооружено беспилотно летало од типот „Wing Loong II“, што ѝ припаѓаат на милицијата поврзана со Калифа Хафтар, водачот на илегалните вооружени сили на истокот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјалниот портпарол на либиската Армија, потполковник Мухамед Кунуну, во писмената изјава рече дека спровеле воздушни операции против цели на милициите на Хафтар во воената база „Ватија“, што се наоѓа на 140 километри југозападно од главниот град.
Истакнувајќи дека во воената база „Ватија“ е уништен втор систем за противвоздушна одбрана „Панцир“ од руско потекло, кој е испорачан од страна на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кануну рече дека уништиле и едно кинеско вооружено беспилотно летало од типот „Wing Loong II“ исто така доставено од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Во соопштението се информира дека цел на нападите на либиската Армија биле и двете складишта со оружје во истата воена база, окупирана од милицијата на Хафтар.
Либиската Армија вчера објави дека во воената база уништила систем за противвоздушна одбрана „Панцир“ од руско потекло, обезбеден од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Либиската Армија на 25 март ја започна операцијата „Бура на мирот“, а на 13 април од милициите на Хафтар беа заземени 7 области и еден град западно од Триполи.
Ватија е голема и заштитена воена област во пустината, која со воениот капацитет од 7 до 10 илјади војници претставува стратешки важна база.