Enes Canlı
05 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либиската Армија започна операција за ослободување на воената база „Ватија“, која беше окупирана од милицијата поврзана со Калифа Хафтар, водачот на вооружените сили на истокот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Извор од Владата на Либија, кој не сакаше да биде именуван, во изјавата за АА рече дека Армијата спроведува операција за освојување на воената база „Ватија“, која е под контрола на милицијата на Хафтар.
Армиските трупи со тешки истрели на топови го отвориле патот околу базата. Во регионот во близина на базата има судири.
Изворот истакна дека повеќето од милициите што се наоѓале во базата избегале поради неодамнешните интензивни воздушни напади и дека лесно ќе биде преземена контролата врз целата база.
- Важноста на воената база „Ватија“ -
Воената база „Ватија“, која се наоѓа на околу 140 километри југозападно од главниот град Триполи, беше користена од милицијата на Хафтар во воздушните напади врз главниот град.
Либиската Армија во операцијата „Мировна бура“, што ја започна на 25 март, освои дел од базата, но подоцна мораше да се повлече. Силите на либиската Влада, на 13 април од милицијата расчистија површина од 3.000 квадратни метри околу базата.
Ватија е голема и заштитена воена област во пустината, која со воен капацитет од 7 до 10 илјади војници претставува стратешки важна база.