Ikrame Imane Kouachi
27 Септември 2024•Ажурирај: 28 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) – Во израелските напади во Либан, за четири дена, од понеделникот до синоќа, животот го загубија најмалку 701 лице, а повредени се 2.173, со што кумулативниот број на мртви од почетокот на конфликтот со Хезболах минатиот октомври достигна 1.540 жртви и 5.410 повредени, покажуваат податоците на либанското Министерство за здравство, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека само во понеделникот и вторникот загинале 558 луѓе, а 1.835 се повредени.
Во средата се регистрирани 51 загинат и 223 повредени, а вчера дури 92 жртви и 153 повредени.
Тековната агресија, исто така, расели речиси 77.100 луѓе, според владиниот Оддел за управување со ризици при катастрофи.
Се наведува дека во изминатите два дена, 15.600 сириски државјани и 16.130 либански државјани преминале во Сирија.
Од понеделникот, израелската Армија го започна она што е опишано како „најинтензивен и најраспространет“ напад врз Либан од почетокот на непријателствата со Хезболах, поттикнати од војната во Газа, пред речиси една година.
Хезболах, исто така, истрела стотици ракети врз воени позиции, населени места и седиштето на Мосад во Тел Авив.
Се наведува дека во Израел има медиумски мрак, со ограничувања за известување за човечки загуби и штети предизвикани од нападите на Хезболах.
Од нападите на Хамас на 7 октомври, различни либански и палестински фракции, особено Хезболах, секојдневно гранатираа преку „Сината линија“ со израелските сили, што резултираше со жртви и раселување.
Овие фракции бараат прекин на тековната војна предводена од Израел во Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 41.500 луѓе, главно жени и деца.