Esra Taşkın
27 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата земја се спротивставува Либан „да стане нова Газа“, додека Израел продолжува со опсежните напади врз соседната земја во која неделава загинаа стотици лица, јавува Анадолу.
На заедничката прес-конференција со канадскиот премиер Џастин Трудо во Монтреал, Макрон се осврна на нападите на Израел врз Либан и повика на прекин на огнот и во Газа и покрај „Сината линија“, демаркационата линија меѓу Либан и Израел.
„Оваа неподнослива ситуација мора да заврши“, рече Макрон, нагласувајќи го значењето на доставувањето хуманитарна помош во Газа, каде што Израел уби над 41.000 Палестинци од нападот на Хамас на 7 октомври.
Макрон и Трудо се согласија дека е потребно политичко решение за обезбедување траен мир во регионот. „Продолжувањето на војната во Газа придонесува за проширување на конфликтот во регионот“, рече Макрон. „Ова е крајно загрижувачко, а главната жртва на оваа ситуација е Либан.“
Францускиот лидер за бројот на жртви од израелските напади во Либан рече дека е „апсолутно шокантен“ и ја повтори осудата на Франција за акциите на Хезболах.
„Франција се противи Либан да стане нова Газа“, рече Макрон, повикувајќи го Израел да ги прекине своите напади, а Хезболах да се откаже од она што тој го нарече „одмазднички начин на размислување“.
Макрон нагласи дека политичкото решение е патот кон решавање на конфликтот помеѓу Либан и Израел.