Mohammad Sıo
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Во новиот бран денешни експлозии на уреди за безжична комуникација низ Либан загинаа најмалку 14 лица, а над 450 се повредени, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Ова е втор ден со експлозии на уреди, во кои досега загинаа 26 лица, а повредени се над 3.000.
Либанскиот привремен премиер Наџиб Микати ја увери јавноста дека вториот бран експлозии е завршен и дека нема нови повредени во болниците.
Микати ги даде новите информации за време на посетата на Министерството за здравство, со цел да се запознае со најновите случувања поврзани со експлозиите на пејџери.
Претходно либанската Национална новинска агенција соопшти дека три лица загинале по експлозиите во градот Сохмор, Јужен Либан.
Агенцијата, исто така, соопшти дека воки-токи експлодирале во рацете на корисниците во јужниот либански град Тир.
Дописникот на Анадолу јави дека експлозии се слушнале во Јужен Бејрут и во неколку градови на југот на земјата, предизвикувајќи пожари што зафатиле автомобили и станови.
Претходно денес министерот за здравство Фирас Алабијад објави дека бројот на загинати во вчерашните експлозии на пејџери се искачил на 12, меѓу кои две се деца.
Експлозиите на пејџерите се случија во време на зголемени погранични ескалации меѓу Израел и Хезболах, кои разменуваат прекуграничен оган од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година загинаа речиси 41.300 луѓе, главно жени и деца.