Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
ХАМИЛТОН (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) треба да се состане утре (петок) попладне за да разговара за масовните експлозии на пејџери - мали комуникациски уреди - низ Либан, за кои Владата во Бејрут и Хезболах го обвинуваат Израел, јавува Анадолу.
Словенија, мандатниот претседател на СБОН, денес објави дека барањето на Алжир за итен состанок е прифатено. Итната седница е закажана за утре во 15 часот по локално време.
Претходно денес во новиот бран експлозии на безжични уреди за комуникација во Либан загинаа најмалку девет лица, а над 300 се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство. Во последните два дена во вакви инциденти загинаа 21 лице, а над 3.000 се повредени.
Хади Хачем, либанскиот амбасадор во Обединетите нации, ги нарече експлозиите на пејџери „агресија што се претвора во воено злосторство“, предупредувајќи дека тие ќе го влошат конфликтот.
Експлозиите на пејџерите се случија во време на зголемени погранични ескалации меѓу Израел и Хезболах, кои разменуваат прекуграничен оган од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година загинаа речиси 41.300 луѓе, главно жени и деца.