Ahmed Asmar
18 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија денес изврши уште најмалку 12 прекршувања на примирјето во Либан што стапи на сила минатиот месец за да се стави крај на над едногодишната прекугранична војна со Хезболах, објавија државните медиуми, јавува Анадолу.
Според официјалната либанска новинска агенција ННА, прекршувањата се извршени во областите Тир, Марџајун и Хасбаија во Јужен Либан и во областите Рахаја и Западна Бека на источниот дел на земјата.
Во прекршувањата има воздушни напади, напади со беспилотни летала и борбени авиони, уништување домови и улици и артилериско гранатирање.
Во областа Тир нападот на израелското беспилотно летало бил насочен кон автомобил во градот Мајдалзун, при што се повредени три лица.
Израелската армија, исто така, уништи голем број патишта и дом во градот Накура. Уништени се и неколку домови во градот Кфаркела.
Погодени се градовите Кфаршуба, Халта и Шеба во областа Хасбаија, а воени авиони летаа над областите Рачаја и Западна Бека на средна височина.
Либанските власти пријавија околу 248 израелски прекршувања на примирјето откако стапи на сила на 27 ноември.
Според извештајот на Анадолу заснован врз податоците на Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 30 луѓе, а 37 се повредени во израелските напади.
Во рамките на прекинот на огнот од Израел се бара да ги повлече своите сили јужно од Сината линија, во фази, а либанската армија треба да се распореди во Јужен Либан во рок од 60 дена.
Според либанските здравствени власти, во израелските напади врз Либан убиени се над 4.000 луѓе, повеќе од 16.500 се повредени, а над еден милион се раселени од октомври 2023 година.