Elif Küçük
08 Ноември 2023•Ажурирај: 09 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Мухамед Ганием, лекар во болницата Шифа во Газа, упати апел за спасување на цивилите, пациентите и здравствените работници во опколената енклава што е под израелски напади повеќе од еден месец, јавува Анадолу.
Тој рече дека во службата за итни случаи на болницата останало струја за само уште неколку часа.
„Ова видео е за спасување цивили, пациенти и здравствени работници. Ова е многу итен повик“, порача Ганием.
Светското здружение на лекари објави видео од д-р Ганием, кој му се обрати на светот барајќи итна помош од собата за итни случаи.
Тој зборуваше и за актуелната состојба.
Д-р Ганием изјави дека струја има само во ургентното одделение на болницата, а дека е исклучена во сите други одделенија.
Тој изјави дека повеќе не се во можност да оперираат.
„Во зградата нема струја. Овде има многу луѓе. Бараат безбедно место и престојуваат во ходниците на болницата. Сега ни болницата не е безбедна. Веќе не ќе можеме да оперираме нови повредени луѓе што доаѓаат во нашата болница“, објасни Ганием.
Тој истакна дека не знаат колку часа ќе имаат струја во итна помош.
„Според соопштението на Министерството за здравство во Газа, остануваат само неколку часа струја во одделот за итни случаи. Имам среќа и можам да го пратам ова видео, а можеби ова ќе биде моето последно видео од болницата Шифа. Без гориво, нема струја“, рече Ганием.
Екипата на Лекари без граници разговараше со жена која печеше леб на метален лим.
Жената објасни дека огнот го запалиле со помош на картон за да испечат леб бидејќи нема дрва и гориво.
Таа изјави дека тешко доаѓаат до брашно.
Истакнувајќи дека многу деца чекаат храна, жената рече дека во Газа нема вода, ја носат во канистри од цистерна и мора да пијат солена вода.
Обраќајќи му се на светот, таа рече: „Целиот свет нека види како децата чекаат овде за леб. Погледнете, сликата зборува за нашата ситуација. Целиот свет знае и гледа. Сега немаме ништо. Сите знаат дека нашата комуникација со светот е пресечена.“