Ali H. M.Abo Rezeg
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот опозициски лидер, Ави Габај, повика на формирање „демилитаризирана“ палестинска држава, со цел одвојување на Палестинците од Израел и зачувување на „еврејското мнозинство“, јавува Anadolu Agency (AA).
Габај, лидерот на израелската Лабуристичка партија, овие коментари ги изнесе на годишната конференција на Американско-израелскиот комитет за јавни работи (AIPAC), кој се состана синоќа во Вашингтон.
Габај, кој ја предводи опозициската коалиција на Ционистичкиот камп, исто така ја поздрави неодамнешната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.
Осврнувајќи се на планот на американската администрација за рестартирање на прекинатите палестинско-израелски мировни преговори, тој рече: „Се надевам дека планот на претседателот Трамп ќе почне да ја враќа довербата. Ние не треба да се откажеме од овој сон.“
„Ние треба да се одделиме од Палестинците“, додаде Габај, изразувајќи верување дека постигнувањето мир ќе служи за осигурување долгорочна безбедност на Израел.
Повторувајќи го доглогодишниот израелски став во однос на Иран, Габај нагласи дека на Техеран не треба да му се дозволи да има нуклеарна програма.
„Нема да му дозволиме на (либанскиот) Хезболах да ги напаѓа нашите граѓани во северен Израел, и нема да дозволиме Хамас (во Појасот Газа) да им се заканува на оние што живеат во јужен Израел“, рече тој.
На годишната конференција на АИПАК присуствуваа голем број израелски функционери, вклучувајќи го и израелскиот премиер Нетанјаху.
Палестинско-израелските мировни преговори беа прекинати во 2014 година, главно поради одбивањето на Израел да ја прекине својата долготрајна политика за градење населби во окупираниот Западен Брег.