Ecenur Çolak
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
РИМ (АА) - Според првичните резултати од вчерашните парламентарни избори во Италија, со 37,2 отсто од освоените гласови, победи коалицијата на десниот центар предводен од партијата „Форца Италија“, на чие чело е Силвио Берлускони, јавува Anadolu Agency (AA).
Речиси 46,5 милиони гласачи вчера гласаа на парламентарните избори на кои се избираше новиот состав на двата дома на италијанскиот Парламент, односно на Претставничкиот дом, кој брои 630, и на Сенатот, кој има 315 претставници.
Министерството за внатрешни работи на Италија ги објави прелиминарните резултати од изборите според кои ниту една коалиција, ниту партија не го освои мнозинството потребно за формирање самостојна влада.
Коалицијата на десниот центар на Берлускони е победник на изборите со освоени 37,2 отсто од гласовите, додека актуелната владејачка коалиција на левиот центар, на чело со премиерот Матео Ренци, освои 22,9 отсто од гласовите.
Со тоа италијанската десница го зголеми бројот на гласови за седум отсто во однос на изборите во 2013 година, а владејачките левичари изгубија многу гласови.
Голем успех на вчерашните избори во Италија оствари партијата „Пет ѕвезди“ (М5s), која освои 32 отсто од гласовите и самoстојно ќе биде најсилната политичка партија во италијанскиот Парламент. На чело на партијата е 31-годишниот Луиџи Ди Мајо.
Демократската партија (PD) на актуелниот премиер Ренци на изборите настапи во коалиција на левиот центар, а самостојно освои 18,9 отсто од гласовите.
Интересно е тоа што „Форца Италија“ на Берлускони, со 13,9 отсто од освоените гласови не е најсилната партија во централно-десничарската коалиција, туку тоа е радикално-десничарската Лига, партија на Матео Салвини, која освои 17,7 отсто од гласовите.