Muhammed Emin Canik
20 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Габриел Бориќ (35) победи на претседателските избори во Чиле кои се одржаа вчера, станувајќи најмладиот лидер на земјата, откако неговиот ривал го призна поразот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според Изборната комисија на Чиле (Servel), со преброени 92 проценти од гласовите, Бориќ, левичарскиот пратеник и поранешен студентски активист, освои 55 проценти од гласовите наспроти неговиот противкандидат, десничарскиот популист Хосе Антонио Каст, кој освои 44 проценти од гласовите.
„Само што разговарав со Габриел Бориќ и му честитав за големиот успех“, напиша Каст на Твитер. „Од денес, тој е избраниот претседател на Чиле и ја заслужува сета наша почит и конструктивна соработка. Чиле е секогаш на прво место“.
Бориќ, инаку прогресивен пратеник, одигра важна улога во студентските протести во 2011 година против структурната нееднаквост во Чиле. Тој вети дека ќе се справи со нееднаквоста во земјата со реформирање на пензискиот и здравствениот систем во Чиле и намалување на работната недела од 45 на 40 часови.
Повеќе од 8,3 милиони жители на Чиле гласаа на изборите, или блиску 55 проценти од оние со право на глас, највисокиот број откако гласањето стана доброволно во јужноамериканската земја во 2012 година.
Изборот на Бориќ претставува важна победа за левицата на Латинска Америка, која се врати на власт во некои земји во регионот.
Лидерите на левицата му честитаа на новиот претседател на Чиле.