Hakan Ceyhan Aydoğan
27 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
МОСКВА (АА) – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров соопшти дека средбите во Женева најавени за во 8. февруари се одложени за крајот на месецот, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата со групите на таканаречените претставници на политичката опозиција на Сирија, Лавров изјави дека е неприфатлива пасивноста на Обединетите нации (ОН), кои не организирале средба за Сирија дури од април.
„Средбите во Женева закажани на 8. февруари се одложени за крајот на месецот. Сметаме дека во Женева треба да се фокусираме на конкретни теми, како што е темата за предлог-уставот“, истакна Лавров.
- Предлог-уставот на Русија
Лавров истакна дека средбите во Астана се еден нов и важен чекор за решение на кризата во Сирија, и дека токму во Астана е договорен прекин на огнот под гаранција на Турција и Русија.
Лавров нагласи дека во предлог-уставот на Русија којшто е понуден на сите учесници во Астана, се обиделе да најдат заеднички точки меѓу ставот на режимот и на опозицијата.
Лавров додаде дека Русија не се обидува да го наметне својот предлог-устав, туку дека ова е понуда што е испратена до сите учесници, дизајнирана за да се дискутира во Женева.
Од друга страна, неколку групи што беа присутни на средбата најавија дека на Лавров ќе му го достават предлог-уставот што тие самите го подготвиле.