Elena Teslova
17 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Москва во рок од неколку часа ќе го испрати својот одговор до Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО на предлозите за безбедносни прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во Москва, главниот град на Русија, по средбата со италијанскиот колега Луиџи ди Мајо, Лавров рече дека документот, исто така ќе биде јавно објавен за да се избегне какво било „погрешно толкување“.
„Денеска ќе го испратиме ова писмо до американската страна, во рок од неколку часа. Откако ќе го испратиме до Американците, планираме да го објавиме“, рече Лавров.
Објаснувајќи ја одлуката за објавување на реакцијата на Русија, Лавров рече дека тоа е неопходно за граѓаните да ги разберат ставовите што ги зазема секоја земја.
Како што рече, доколку ставовите се чуваат во тајност, „како што претпочитаат нашите колеги од Вашингтон и Брисел“, тогаш „лагите и отворената пропаганда“ ќе го обликуваат јавното мислење, вклучително и многу извештаи за ситуацијата на руско-украинската граница.
Русија неделава објави дека ги повлекува војниците од границата, но САД тврдат дека Москва испраќа уште војници на границата.
Украина и Русија се во конфликт откако избија непријателства во источниот украински регион Донбас во 2014 година, откако Москва илегално го анектира полуостровот Крим.
Русија стационира илјадници војници во близина на границата со Украина, што предизвика стравувања дека би можела да планира нова воена офанзива против поранешната советска република. САД и нивните сојузници предупредија на неизбежен напад и се заканија на Русија со „тешки последици“.
Меѓутоа, официјална Москва негира дека се подготвува за инвазија на Украина, тврдејќи дека руските војници таму биле заради вежби.
Руското Министерство за одбрана во вторникот објави дека некои од воените единици кои ги завршиле своите должности во рамките на вежбите, почнале да се враќаат во базите, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не сака војна во Европа и дека дале предлози во врска со преговорите.