Dmitri Chirciu
13 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека преговарачкиот процес за прашањето за Авганистан треба да започне повторно, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во изјавата за медиумите во селото Самбек во Ростовската Област во Русија се осврна на ситуацијата во Авганистан.
Истакнувајќи дека решението за авганистанското прашање треба да се реализира со учество на сите политички, етнички и верски страни во земјата, Лавров рече: „Ние сме за процеси прифатени од Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН). За жал, овие процеси се забавија. Авганистанската Влада две години не се интересира за продолжување на преговорите. Според тоа, за жал, талибанците одлучија ситуацијата во земјата да ја решат преку воени средства.“
Лавров, посочувајќи дека талибанците продолжуваат да ги заземаат авганистанските градови и покраини, додаде дека тоа е „лошо“.
Наведувајќи дека се вознемирени од ситуацијата во Авганистан, Лавров рече: „Преговарачкиот процес за прашањето за Авганистан треба повторно да започне. Загрижени сме дека ситуацијата во Авганистан може да се прошири и во регионот на Централна Азија и во земјите на Организацијата на Договорот за колективна безбедност.“
- „Одржуваме контакти со сите страни во Авганистан“
Истакнувајќи дека одржуваат контакт со сите страни во земјата, Лавров нагласи: „Увидовме дека формирањето консензус во авганистанското општество не е едноставно.“
Наведувајќи дека презеле иницијативи за решавање на прашањето за Авганистан, Лавров додаде дека тие се за вклучување на Иран и Индија во форматот за Авганистан (Русија, САД, Кина, Пакистан).
- „САД се обидоа да ги сместат своите воени сили во земјите од Централна Азија“
Потсетувајќи дека процесот на повлекување на американските војници од Авганистан продолжува, Лавров рече дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да постават свои сили во земјите од Централна Азија.
„Тоа никому не му е потребно. Обидите на САД да распоредат војници за да го нападнат Авганистан од границата доведуваат до тоа нашите сојузници во овој регион и другите делови на светот да бидат заложници на американската политика“, нагласи министерот Лавров.