Hakan Ceyhan Aydoğan
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Во врска со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе формира безбедносни зони во Сирија, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров изјави дека формирањето на такви безбедносни зони може да се изведе во соработка со Обединетите нации (ОН) и со други меѓународни организации, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата со министерот за надворешни работи на Еритреја, Осман Мухамед Салех, рускиот министер Лавров одржа заедничка прес-конференција во Москва, на која изјави дека формирањето безбедносни зони во Сирија, најавено од страна на Трамп, ќе се разјасни по заедничките средби што ќе ги остварат со Вашингтон.
За предлогот на Трамп околу формирањето на безбедносни зони, Лавров смета дека тоа е чекор со кој првенствено ќе се олесни притисокот од бегалската криза врз соседните земји и врз Европа: „Доколку основната цел на овој план е да се формираат подрачја коишто во одреден период ќе им обезбедат заштита на луѓето што ги загубиле своите домови во Сирија и во кои ќе можат да добијат помош, тогаш со координација на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и со други невадини организации може да се формира ваков вид на подрачја“.
Со цел да се подобрат хуманитарните услови во Сирија, Лавров истакна дека се подготвени за секаков вид на соработка, но истакна дека тоа треба да се прави во координација со режимот.
- Телефонски разговор на Путин и Трамп -
Лавров соопшти дека во саботата, претседателот на Русија, Владимир Путин и претседателот на САД, Доналд Трамп го оствариле првиот телефонски разговор кој поминал во најдобар ред, а се разговарало за хуманитарни и политички настани.
Лавров посочи дека во разговорот, Путин и Трамп искажале заемна почит и желба за соработка меѓу двете земји која ќе биде во корист на националните интереси на двете земји. „Разговорот ги покажа полињата што се од интерес за двете земји“, изјави Лавров.
Тој истакна дека во борбата против терористичката организација ДЕАШ не постои граница во соработката со САД, и додаде: „Борбата против ДЕАШ е главен приоритет за Русија и САД“. Ова беше потврдено и во телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп. „Сметам дека доколку постои политичка волја, не постојат граници во соработката“, рече Лавров.
- Средби за Сирија -
Лавров изјави дека немаат ништо против опозицијата да биде претставувана со повеќе од една делегација на средбите за Сирија во Женева.
На средбите во Астана каде што групите учестуваа како единствена делегација, Лавров истакна дека треба да бидат вклучени во политичкиот процес кој ќе се одржи во Женева. „Преферираме во преговорите владата да преговара со еден соговорник, но постоењето на повеќе делегации не го сметаме за нешто лошо“, рече Лавров.
Од друга страна, Лавров истакна дека на барање на Багдад, подготвени се да му помогнат на Ирак во борбата против ДЕАШ. Тој рече дека во најмала рака тоа би се одвивало во насока на размена на разузнавачки податоци или на некој друг начин.