Ahmet Gürhan Kartal
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) - Повеќе од еден милион Британци потпишаа петиција во која бараат од властите да се одложи официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во исто време, во Лондон денес се очекуваат десетици илјади луѓе на маршот што ја осудува контроверзната забрана за влез на мигрантите во САД, потпишана од страна на Трамп.
Британската Влада во моментов е под голем притисок од опозициските партии и од целата јавност бидејќи на петицијата против доаѓањето на Трамп во Велика Британија се потпишаа над 100.000 луѓе, што е доволно за тоа да се изјасни Долниот дом на Парламентот.
Трамп се соочи со бројни критики во светската јавност откако пред два дена го потпиша декретот со кој привремено се забранува влез на американско тло за државјаните од седум муслимански земји.
И минатата година, половина милион Британци потпишаа слична петиција за забрана на влез на Доналд Трамп во Велика Британија.
Оваа петиција беше организирана во пресрет на претседателските избори во САД, организирани минатата година, на коишто Трамп ја победи противкандидатката Хилари Клинтон.
Таа петиција нема добиено формален епилог во британскиот Парламент.
Сѐ уште нема официјална потврда дали и кога ќе биде разгледана петицијата „Да ја спречиме официјалната државна посета на Доналд Трамп во Велика Британија“.
Во меѓувреме, во центарот на Лондон се очекува да се одржи мирен протестен марш против Трамп.