свет

Куба тврди дека се убиени 32 нејзини борци за време на американската интервенција во Венецуела

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел објави дека 5 и 6 јануари се прогласени за денови на национална жалост во чест на загинатите борци, за кои рече дека „со чест ја извршувале својата должност“ и покажале „жесток отпор“

Asiye Latife Yılmaz  | 05.01.2026 - Обновена : 06.01.2026
Куба тврди дека се убиени 32 нејзини борци за време на американската интервенција во Венецуела

ИСТАНБУЛ (AA) – Куба вчера соопшти дека 32 нејзини борци загинале за време на американска воена операција во Венецуела, која Вашингтон ја опиша како „голем напад“, а која резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, јавува Анадолу.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел објави дека 5 и 6 јануари се прогласени за денови на национална жалост во чест на загинатите борци, за кои рече дека „со чест ја извршувале својата должност“ и покажале „жесток отпор“, одразувајќи го долгогодишниот дух на меѓународна солидарност на Куба.

Кубанската Влада соопшти дека загинатите биле ангажирани во официјални мисии како припадници на Револуционерните вооружени сили и Министерството за внатрешни работи, распоредени на барање на венецуелските власти во рамките на билатералната соработка.

И Венецуела им оддаде почит на загинатите борци, при што Владата во Каракас соопшти дека „им оддава чест на 32 кубански борци што ги дадоа своите животи при извршувањето на должноста, во рамките на соработката и одбранбените мисии“.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека за време на упадот во саботата е убиен значителен број од членовите на кубанскиот безбедносен персонал задолжен за заштита на Мадуро.

Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес пристигнале во Њујорк доцна во саботата и во моментов се задржани во притворниот центар Метрополитен во Бруклин. Американските власти соопштија дека двојката се соочува со федерални обвиненија поврзани со трговија со дрога и наводна соработка со банди што се означени како терористички организации.

Мадуро ги отфрли обвинувањата, додека венецуелските власти побараа итно ослободување на двојката, оценувајќи ја операцијата како нелегална и како кршење на суверенитетот на Венецуела.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın