Ekip
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
МОСКВА (АА) - Најмалку 18 лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени во нападот на образовната установа на Крим, украинскиот полуостров кој во 2014 година го анектираше Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на Крим, Сергеј Аксенов, потврди дека ученикот по нападот извршил самоубиство. Не го откри идентитетот на машкото лице, но изјави дека станува збор за локален жител кој дејствувал сам.
Претходно е наведено дека во колеџот експлодирала направа и дека постои сомневање на терористички напад. Највисоките руски официјални претставници потврдија дека напаѓачот кој изврши самоубиство бил ученик од четврта година.
Истражниот одбор потврди дека напаѓачот, кој денес дошол во колеџот со пушка и кој отворил оган е идентификуван како 18-годишниот Владислав Рослјаков. Истражителите наведуваат дека жртвите починале од последици на раните од огнено оружје. Додадоа дека нападот ќе се третира како масовно убиство, а не како терористички напад.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нападот на колеџот на Крим бил трагедија и изрази сочувство до семејствата на жртвите
Од Кремљ претходно соопштија дека денешната експлозија на факултетот на Крим би можела да биде терористички напад. Дмитри Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека официјалните претставници ја разгледуваат можноста дека се работи за терористички напад, но не даде повеќе детали.
Песков нагласи дека претседателот Путин им наредил на истражните органи и разузнавачките служби да спроведат темелна истрага и упати сочувство до семејството на загинатите.