свет

Кремљ: Руската армија ќе остане на украинската граница сѐ додека Путин смета дека е соодветно

„Русија не се закануваше на никого и не се заканува, можеме да ве увериме дека не претставуваме закана за никого“, изјави Песков

Ali Cura  | 07.04.2021 - Обновена : 08.04.2021
Кремљ: Руската армија ќе остане на украинската граница сѐ додека Путин смета дека е соодветно

МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека руските трупи ќе останат на руска територија на украинската граница сѐ додека рускиот претседател Владимир Путин смета дека е тоа соодветно, јавува Агенција Анадолија (АА).

Песков даде изјава за медиумите во врска со тензиите меѓу Русија и Украина.

Одговарајќи на прашање за тоа колку војници на Руската армија ќе останат на украинската граница, Песков рече дека за тоа ќе одлучат рускиот претседател Владимир Путин и воената администрација.

„Руските вооружени сили се на потребното и соодветно место на руско тло и ќе останат таму сѐ додека нашиот врховен командант и нашите воени администратори сметаат дека е тоа соодветно“, рече Песков.

На прашањето дали руските трупи ќе се вратат од украинската граница, Песков истакна дека нема детални информации за распоредување или повлекување на трупите.

„Русија не се закануваше на никого и не се заканува, можеме да ве увериме дека не претставуваме закана за никого“, додаде Песков.

- Напнатост на украинско-руската граница -

Во својот говор пред Парламентот на 30 март, украинскиот началник на Генералштабот, Руслан Хомчак, соопшти дека Руските вооружени сили испратиле трупи на границите на Украина под изговор дека ќе бидат реализирани воени вежби.

Во врска со решавањето на кризата во регионот Донбас, Трилатералната контакт-група, составена од Русија, Украина и ОБСЕ, донесе сеопфатна одлука за прекин на огнот заклучно со 27 јули 2020 година.

Од 2014 година досега, над 13.000 луѓе ги загубија животите во судирите меѓу администрацијата на Киев и проруските сепаратисти, кои прогласија таканаречена независност во регионот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.