свет

Кремљ: Путин и Ердоган не разговараа за прашањето за С-400 на нивниот состанок минатата недела

Во 2017 година Турција купи четири системи С-400 од Русија за 2,5 милијарди долари. САД тврдеа дека рускиот систем претставува безбедносен ризик, но Анкара инсистираше дека С-400 не претставува закана за НАТО...

Elena Teslova, Alperen Aktaş  | 18.12.2025 - Обновена : 18.12.2025
Кремљ: Путин и Ердоган не разговараа за прашањето за С-400 на нивниот состанок минатата недела

МОСКВА / ИСТАНБУЛ (АА) – Кремљ денес ги демантираше медиумските извештаи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на нивната средба минатата недела разговарале за враќање на системите за противвоздушна одбрана С-400 од Турција во Русија, јавува Анадолу.

„Таа тема не беше на агендата“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференцијата во Москва, осврнувајќи се на разговорите меѓу Путин и Ердоган одржани на маргините на меѓународниот состанок минатата недела во Ашгабат, Туркменистан.

Во 2017 година Турција купи четири системи С-400 од Русија за 2,5 милијарди долари. САД тврдеа дека рускиот систем претставува безбедносен ризик, но Анкара инсистираше дека С-400 не претставува закана за НАТО или за неговото вооружување бидејќи нема да биде интегриран во системите на алијансата. Турција повеќепати предложи формирање заедничка комисија за решавање на спорот, но откако Анкара одби да се откаже од системите, Вашингтон ја исклучи од програмата за борбени авиони Ф-35, потег што Турција го оцени како незаконски.

Запрашан за напорите за ставање крај на војната во Украина, Песков рече дека Русија се подготвува за контакти со американската страна, по разговорите што Вашингтон ги водел со Киев и Брисел.

„Навистина се подготвуваме за одредени контакти со нашите американски колеги за да добиеме информации за резултатите од работата што Американците ја извршија со Европејците и Украинците“, изјави Песков.

Според медиумските извештаи, американските преговарачи Стивен Виткоф и Џаред Кушнер викендов ќе се сретнат со рускиот претставник Кирил Дмитриев во Мајами, во американската сојузна држава Флорида.

- „Венецуела е наш сојузник“ -

Осврнувајќи се на Венецуела, во услови на американска воена поморска блокада и зголемени тензии, Песков изјави дека Каракас е сојузник и партнер на Русија.

„Венецуела е наш сојузник, наш партнер; одржуваме постојани контакти, вклучително и на највисоко ниво“, истакна тој, додавајќи дека Путин и венецуелскиот претседател Николас Мадуро неодамна разговарале телефонски.

„Гледаме ескалација на тензиите во регионот (на Латинска Америка) и сметаме дека тоа е потенцијално многу опасно“, нагласи Песков.

Неговите изјави следуваат по пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД наскоро би можеле да започнат напади на венецуелска територија, во рамките на, како што рече, борбата против трговијата со наркотици.

Мадуро, пак, оцени дека Трамп не е заинтересиран за борба против наркотиците, туку за промена на режимот во Венецуела.

Венецуела побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во врска со, како што го нарече, „отворена и криминална агресија“ од страна на Вашингтон кој, според Каракас, се заканува со заплена на нафтените ресурси на земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.