Elvir Hociç
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
АДИС АБЕБА (АА) - Лидерите на Етиопија и Еритреја потпишаа договор за обнова на дипломатските односи и официјално ставија крај на дводецениското непријателство меѓу двете источноафрикански земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, и претседателот на Еритреја, Исајас Афеверки, денес потпишаа договор за заемно отворање на амбасадите, воспоставување воздушни линии и заедничко користење на пристаништата во Еритреја.
Историскиот договор е потпишан на крајот на дводневната посета на етиопскиот премиер Ахмед во Асмара.
Граѓаните на Етиопија и Еритреја го поздравуваат мировниот договор на социјалните мрежи и симболично објавуваат фтографии од прегрнатите лидери на двете земји. Веќе денес многумина ја искористија можноста да телефонираат во другата земја и да разговараат со пријателите и роднините по полни две децении.
Новиот премиер на Етиопија, 42-годишниот реформист Ахмед, допатува вчера во главниот еритрејски град Асмара, а на аеродромот беше срдечно дочекан од страна на 72-годишниот претседател на Еритреја, Афеверки.
Средбата директно ја пренесуваше државната телевизија на Еритреја, а двајцата лидери се ракуваа и се прегрнаа со насмевки на лицата.
Илјадници граѓани се собраа на улиците на Асмара за да ја поздрават историската средба на лидерите на двете соседни африкански земји кои немаат дипломатски односи уште од 1998 година, од кога траат судирите на границата.
Абиј минатиот месец ја изненади јавноста откако во потполност ги прифати барањата на еритрејската страна и потпиша мировен договор.