Hasan Esen
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел се оддржува Меѓународна конференција којашто Европската Унија и владата на Авганистан ја организираа со цел за обезбедување финансиска помош на Авганистан во борбата против тероризмот и за економски развој на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
На Конференцијата во Брисел учествуваат претставници на 75 држави и 25 меѓународни организации, вклучувајќи го претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, авганистанскиот претседател Ешреф Гани, и шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.
На Конференцијата учествуваат и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун и американскиот државен секретар Џон Кери, а претставниците на владата на Авганистан ги информираа присутните за визиите и реформите во таа земја, како и за продолжување на помошта на меѓународната заедница во процесот на воспоставување мир, израдба на институциите и економскиот развој на Авганистан.
Челникот на Европскиот совет, Туск, најави дека од наредната година, Европската Унија и нејзините членки ќе бидат најголеми донатори на Авганистан.
„Со 1,3 милијарди евра ќе ги поддржиме меѓународните и локалните напори за изградба на Авганистан и тоа ќе го продолжиме до 2020 година“, изјави Туск и додаде дека недостатокот на меѓународна помош би довел до повторно пропаѓање на Авганистан.
Претседателот на Авганистан, Гани, во таа пригода им се заблагодари на лидерите, вклучувајќи ги и Барак Обама и Реџеп Таип Ердоган, за меѓународната поддршка на официјален Кабул. Тој додаде дека на основа на таа помош, Авганистан ги зајакнал своите безбедносни, економски и енергетски капацитети.
„Соработката е од клучна важност во регионот. Тероризмот не познава граници. Не може да се прави поделба на добри и лоши терористи. Покажувањето толеранција или заштита на кој било облик на тероризам претставува закана против сите земји, а не само за Авганистан“, изјави Гани.
Шефот на американската дипломатија, Џон Кери, во обраќањето пред присутните истакна дека важен тест е направен неодамна, со постигнување на мировниот договор со милитантите Хикметјар во Авганистан и дека останува да се види дали припадниците на таа група ќе се придржуваат до договорот којшто вклучува нивно дислоцирање од сите терористички и милитантски елементи, како и почитување на уставот и законот на Авганистан.
„Талибанското движење и понатаму се обидува да ја тестира одлучноста на владата на Авганистан, а авганистанските сили храбро се борат со сите тешкотии“, изјави Кери.
Конференцијата во Брисел има за цел да се соберат неопходните четири милијарди долари за поддршка на борбата против тероризмот и економската криза во Авганистан, кој е средиште на длабоки кризи веќе деценија и половина.