Zeynep Tüfekçi
19 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
РИЈАД (AA) - Укинувањето на 35-годишната забрана за кино во Саудиска Арабија предизвика различни реакции во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Оние што го поддржуваат повторното отворање на кината велат дека кината ќе придонесат за економијата и ќе создадат културна атмосфера, гледано од аспект на „инвестирање и вработување“, додека противниците посочуваат дека нема филмови што се снимени во земјата и затоа нема да има никакво значење, освен што ќе се наметне западната култура.
Поранешниот претседател за култура и уметност на Саудиска Арабија и портпарол, Султан ел Базиги, го опиша повлекувањето на забраната по 35 години како „позитивен чекор“.
- „Тоа ќе биде важен сектор за инвестиции и вработување“ -
„Несомнено ќе создаде поинаква културна атмосфера, а исто така, ќе биде важен сектор за инвестирање и вработување“, рече тој.
„Иако киносалите беа затворени, повеќето луѓе го следеа арапското и светското кино преку телевизија или таблет, или кога одеа во странство. Сега луѓето можат да ги гледаат филмовите во кино“, рече Султан ел Базиги, истакнувајќи дека народот не е оддалечен од филмскиот сектор.
- „Киното претставува јазик што го одразува светското јавно мислење“ -
Во објавените статуси на Твитер со ознаката #ОтворањенакиносаливоРијад има и луѓе што се спротивставуваат на оваа идеја, како и такви што го поддржуваат повторното отворање на кината.
На својот профил на Твитер корисникот „Er-Rumeysi“ им го честиташе на луѓето од Саудиска Арабија укинувањето на забраната за кино, посочувајќи дека египетската кинематографија е модел за промовирање различни литературни дела, развивање на приказната и ширење на кинокултурата кај луѓето, а друг корисник „Mıknas“, исто така, напиша: „Киното не е ниту игра ниту забава, туку алатка за изразот што ја одразува светската јавност, а кинематографијата претставува неопходност во Саудиска Арабија, честитки до народот“.
- „Укинувањето на законот има за цел ширење на западната култура“ -
Сехм ел Лејл, корисник на Твитер од Саудиска Арабија, преку статусот што го објави на Твитер се спротивстави на идејата за повторно отворање на киносалите, и напиша: „Ние немаме наши филмови да се прикажуваат во кината, па затоа оваа нова ситуација има за цел просперитет на западната култура и задоволување на Западот преку маркетинг на нивните производи и ширење на нивната култура“.
Во списанието „Ахфад еш Шура“ („Ahfad Eş-Şura“) е објавена 4.120-тата фетва „Филмот е забранет“ на Генералната дирекција за научни истражувања и фетви.
- Договор помеѓу „Ал Хокаир груп“ и британскиот „Вју“ -
Од друга страна, весникот „Дејли телеграф“ („Daily Telegraph“) во Велика Британија објави дека е потпишан договор помеѓу „Ал Хокаир груп“ („Al Hokair Group“), која е една од најголемите инвестициски компании во Саудиска Арабија и филмскиот синџир во Велика Британија „Вју“ („Vue“) за повторно отворање на 30 кина во Саудиска Арабија.
Претседателот на „Вју“, Тим Ричардс, го опиша договорот како „битен момент во историјата на светската кинематографија“.
„Одборот на Генералниот директорат за радио-телевизија издаде резолуција за издавање лиценци за киносали, вклучувајќи ги и трговските претпријатија“, беше напишано во писмената изјава на Министерството за информатичко-културна соработка на Саудиска Арабија, објавена во декември 2017 година.
Министерот за информации и култура, Авад бин Салих ел Авад, исто така, истакна дека отворањето на првата киносала ќе биде во март 2018 година.
Принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, вети дека ќе ја врати својата земја во „умерен ислам“ на состанокот на Иницијативата за идни инвестиции, што го организираше Фондот за јавни инвестиции во Ријад на 24 октомври 2017 година, каде што присуствуваа 2.500 луѓе од околу 60 земји.