Ekipa
30 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
ПЕКИНГ
Тројца кинески научници, што беа вклучени во создавање на првите генетски модифицирани бебиња, осудени се на затворска казна поради незаконска медицинска практика, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што јавува кинеската државна новинска агенција „Синхуа“, водачот на тимот, Хе Џјанкуи, осуден е на 3 години затвор и парична казна во висина од 340.000 американски долари.
Вториот научник, Џанг Ренли, осуден е на 2 години затвор и парична казна во висина од 143.000 долари, додека на Чјин Џинџоу му се досудени 18 месеци затвор и парична казна во висина од 71.000 долари.
Научникот Хе Џјанкуи ја шокираше светската јавност кога во ноември 2018 година објави дека со методот на корекција на геномот во постапката медицински потпомогнато оплодување успеал да создаде генетски модификувани девојчиња.
Неговата објава подигна глобална дискусија околу етиката за вградување гени. Како што имаше изјавено Џјанкуи, тој се служел со методот познат како CRISPR за измена на гените во ембрионите, за да им помогне да се спротивстават на инфекцијата од вирусот на СИДА (AIDS).
Агенцијата „Синхуа“, цитирајќи ги судските документи, објави дека тројцата научници биле вклучени во раѓањето на три генетски модифицирани бебиња.
Судот рече дека тројцата истражувачи не стекнале квалификација на доктор за занимавање со медицина, дека го следеле патот на слава и профит, намерно кршејќи ги кинеските прописи за научни истражувања и ја прекршиле етичката црта во научните истражувања и во медицината.