Riyaz Khaliq Khaliq
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Поздравувајќи го договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море потпишан во јули во турската метропола Истанбул, Кина во Обединетите нации (ОН) изјави дека тоа е показател дека и во конфликтни ситуации дипломатијата може да даде добри резултати и да донесе надеж, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пекинг го изјави ова на брифингот на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за Украина во вторникот.
Кинескиот амбасадор во ОН, Жанг Џун, рече: „Потпишувањето на договорот за извоз на жито преку Црното Море покажа дека дури и во конфликтни ситуации дипломатијата може да даде добри резултати и да донесе надеж.“
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа чиј извоз беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул беше формиран и Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите држави и од ОН за да ги надгледува испораките.
Откако во рамките на договорот на 1 август исплови првиот брод од Украина, досега земјата ја напуштија повеќе од 215 брода со над 5 милиони тони земјоделски производи.
Жанг истакна дека улогата на СБОН е „да ги натера страните да ги отворат своите врати за политички договор што е можно поскоро“.
Тој додаде дека во „преговорите треба да се има предвид легитимната загриженост и на маса да се стават сите можни опции“.
Во седуммесечната војна на Русија во Украина животот го изгубија и повредени се илјадници луѓе, додека мигрираа милиони. Воедно војната го дестабилизира снабдувањето со енергија на светско ниво.
Високиот кинески дипломат во ОН изјави дека мирот мора да се бара и почитува од сите.
„Конфронтирањето на блокови, политичката изолација, санкциите и вршењето притисок можат само да доведат до ќор-сокак“, предупреди тој.
„Советот за безбедност, како јадро на интернационалниот безбедносен механизам, треба целосно да ги искористи преговарачките механизми кои ги содржи Повелбата и да се држи во правилната насока за прекин на огнот и мировни разговори.“
„Треба да се преземат конструктивни и одговорни чекори за да се отвори патот кон политичко решение“, рече тој, додавајќи дека Кина ќе соработува со сите земји кои го поддржуваат мирот и ќе продолжи да прави незапирливи напори за деескалација на ситуацијата и решавање на кризата.
Жанг истакна дека позицијата и предлогот на Кина во врска со Украина се доследни и јасни.
„Треба да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји. Треба да се почитуваат и принципите и целите на Повелбата на Обединетите нации“, додаде тој.