Kasım İleri
15 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот руски колега, Сергеј Лавров, во средата се согласија за 48-часовно продолжување на примирјето во Сирија, кое започна во понеделникот, изјавија американски претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
Највисоките дипломати се согласија седумдневниот прекин на непријателствата, кој беше постигнат во петокот, да се продолжи за дополнителни 48 часа, со цел да се постигне продолжување на неопределен рок за да се намали насилството“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.
„Договорот во целост, и покрај повремените извештаи за насилство, се одржуваше, а насилството е значително помало во споредба со претходните денови и недели“, рече тој за телефонскиот разговор меѓу двајцата дипломати.
Тонер им кажа на новинарите дека борците лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и опозициските сили го прекршиле примирјето, и ја повика Москва да го искористи своето влијание кај Асад со цел да се обезбеди пристап на хуманитарната помош во опколените области.
„Ние сè уште не гледаме влез за хуманитарната помош. Според тоа, продолжуваме да правиме проценки за тоа, разговарајќи со Русите“, рече Тонер. „Вршиме притисок врз нив за тие да извршат притисок врз режимот на Асад“, додаде тој.