Seyit Aydoğan
22 Декември 2020•Ажурирај: 24 Декември 2020
ТОРОНТО (АА) - Канада во текот на следните три години ќе испрати помош од вкупно 90 милиони долари за палестинските бегалци што се наоѓаат во Сирија, Либан и Јордан, како и на Палестинците што живеат во Појасот Газа и на Западниот Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канадската министерка за меѓународен развој, Карина Гулд, изјави дека е многу важно да се обезбеди помош за палестинските бегалци.
„Да се одговори на потребите на палестинскиот народ и да се пружи хуманитарна помош претставува еден дел од патот кон мирот и просперитетот на Блискиот Исток. Затоа Канада е посветена на исполнување на основните потреби од најсиромашните и најзагрозените кај оваа популација“, рече Гулд.
Истакна дека помошта ќе биде доставена преку Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА).
„Оваа помош ќе придонесе за исполнување на основните потреби за образование, здравје и егзистенција на палестинските жени и деца. УНРВА, исто така, ќе им достави помош и на околу 465.000 палестински бегалци во Сирија и Либан. Важно е да им се пружи помош на овие луѓе, особено за време на пандемијата на Ковид-19. Овие луѓе се соочени со висока стапка на сиромаштија, недостиг на храна и невработеност. Поддршката на Канада преку УНРВА е показател на нашата континуирана посветеност за решавање на проблемите на Палестинците“, рече министерката Гулд.