Seyit Aydoğan
26 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
ФРЕДЕРИКТОН (АА) - Канада нуди плата од 80.000 канадски долари (околу 51.457 евра) на годишно ниво, но и покрај тоа има проблеми со пронаѓање возачи на камиони, поради отежнатите услови за работа, јавува Anadolu Agency (AA).
Здружението на камионџии во Канада соопшти дека на транспортниот сектор му недостасуваат 48.000 возачи низ земјата, а потребата за нив треба да биде задоволена до 2024 година.
Многу компании во провинцијата Њу Бранзвик кои се занимаваат со транспорт се жалат на тешките услови за живот и работа поради кои не можат да најдат возачи што ќе возат на долги релации.
Во периодот од 2015 до 2017 година, вработени се 390 возачи на камиони со потекло од странски земји. Во рамките на пилот-проектот, вработени се возачи од Велика Британија, Бугарија, Полска, Украина и Јужна Африка.
Роберт Тритес, кој работи на проектот, рече дека најголем проблем е тоа што по добивањето на дозволата за престој заминуваат во Онтарио или западните области.
Тритес вели дека возачите најчесто работат 10 до 12 дена без прекин, по што се одмораат три до четири дена.
„Во однос на условите, навистина не е привлечна индустрија. Луѓето не сакаат толку долго да бидат далеку од дома“, изјави Тритес.
Ал Витакер кој има компанија во Њу Бранзвик рече дека 30 години се занимава со транспорт и дека тешко наоѓа нови работници.
„Нашиот најдобар возач има 74 години и секоја седмица работи максимален број часови. Еден возач има 72 години, а другиот 64. Само ноќе имаме 81 испорака, а ние немаме возачи“, рече тој.
Основачот на Едукативните центри за транспорт на Канада, Џон Бодри, рече дека платите на возачите годишно се зголемени за скоро 10 отсто. Напомена дека возачите на долги релации веќе во првите години заработуваат 100.000 канадски долари, но сепак немаат доволен број возачи.
„Камионите стојат на паркингот", се пожали Џон Бодри.
Работатата на возачите на камиони е привлечна за младите и за самците, бидејќи заработуваат многу и имаат можност да видат различни места.
„Меѓутоа, условите се сè потешки кога се формира семејство“, додаде Бодри.