Ata Ufuk Şeker
30 Октомври 2016•Ажурирај: 30 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел започна Самитот Европска Унија (ЕУ) - Канада на кој би требало да биде потпишан Сеопфатниот стопански и трговски договор (ЦЕТА), меѓу ЕУ и Канада, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред зградата на Европскиот совет, стотици лица демонстрираа против потпишувањето на договорот. Зајакнати се безбедносните мерки, а околу зградата е поставена жица.
Група демонстранти влегоа во зградата на Советот, а припадниците на безбедносните сили приведоа одреден број лица.
На самитот присуствуваат премиерот на Канада, Џастин Трудо, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, високата комесарка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Поради тоа што Валонија не го одобри планираното потпишување на договорот, федералната влада на Белгија не ги доби потребните овластувања. Тоа резултираше со откажување на потпишувањето на договорот, чии преговори траат неколку години.
Во четвртокот, 27 октомври, неколку регионални белгиски управи се договорија да го одобрат потпишувањето на договорот за трговија меѓу ЕУ и Канада, по што е решено организирање на самитот.
За договорот да стапи на сила мора да биде одобрен од страна на 28 земји.
Со воведувањето на ЦЕТА, 99 отсто од данокот на царина би бил укинат.