Ebru Şengül
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Според новата регулатива усвоена од страна на Европската комисија, емисиите на јаглерод диоксид од новите тешки возила (HDV) регистрирани во ЕУ, од 2019 година ќе треба да се следат и да се пријавуваат, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Од 1 јануари 2019 година, производителите на тешки товарни возила (камиони, автобуси) и земјите членки ќе мора да ги следат податоците, вклучувајќи ги и емисиите на јаглерод диоксид и потрошувачката на гориво на новите возила и годишно да ја известуваат Комисијата“, се вели во соопштението на ЕК.
„Регулативата, која е првото законодавство на ЕУ за емисиите на јаглерод диоксид, е дел од серијата мерки за спроведување на европската стратегија за мобилност со ниска емисија од 2016 година“, се додава од Европската комисија.
Гласањето во Советот следуваше по усвојувањето на регулативата од страна на Европскиот парламент на 12 јуни.
„Барањата за мониторинг и известување ќе бидат од суштинско значење за обезбедување на потребните податоци од 2020 година натаму за спроведување на новите цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за производителите на тешки товарни возила, како што беше предложено од Комисијата во мај оваа година“, се вели во соопштението.
Комисијата ќе воспостави систем на административни парични казни во случај производителот на возилото да не ги пријави податоците или да пријави фалсификувани податоци.