Калифорнија ќе одвои 35 милиони долари за помош на нерегистрирани имигранти
- „Додека федералната влада ги цели семејствата кои напорно работат, Калифорнија стои покрај нив – обединувајќи партнери и финансирајќи локални заедници со цел да им помогне на своите соседи“, изјави гувернерот
ИСТАНБУЛ (АА) - Калифорнија ќе одвои 35 милиони долари државни средства за помош на имигрантите без документи, додека администрацијата на Трамп ги продолжува своите напори за депортација, изјави вчера гувернерот Гевин Њусом, пренесува Анадолу.
Кабинетот на гувернерот ги распределува средствата кои се претходно одобрени во државниот буџет, со цел да им се помогне на филантропските партнери во обезбедувањето помош за храна, како и друга поддршка за имигрантските семејства.
Новото финансирање доаѓа како дополнување на парите што државата веќе ги одвоила за обезбедување правна помош на лицата кои се соочуваат со депортација.
„Додека федералната влада ги цели семејствата кои напорно работат, Калифорнија стои покрај нив - обединувајќи партнери и финансирајќи локални заедници со цел да им помогне на своите соседи”, изјави Њусом во соопштение за медиумите.
„Итната потреба расте како што администрацијата на Трамп го забрзува масовното притворање, го гази правото на правна постапка и финансира авторитарно спроведување со над 170 милијарди долари. Додека администрацијата на Трамп избира суровост и хаос, Калифорнија избира заедница“, додаде тој.
„Њусом бил во контакт со имигрантски семејства и лидери на заедницата во врска со мерките на федералната влада против имиграцијата“, изјави портпаролот на гувернерот.
„Луѓето се плашат да ги напуштат своите домови, се плашат да одат на училиште или на работа и не можат да си дозволат намирници“, изјави портпаролот за новинската организација „КалМатерс“.
Калифорнија го одобри финансирањето дури и во време кога се соочува со сè поголеми фискални притисоци, при што Кабинетот на Гевин Њусом предвидува дефицит од 2,9 милијарди долари во претстојната буџетска година, според новинската организација „КалМатерс“.
За да се надомести поголемиот дефицит минатата година, државата исто така намали одредени здравствени придобивки за имигрантите без документи.
„Кога федералното дејствување создава страв и нестабилност, наша одговорност е да им излеземе во пресрет на семејствата. Оваа инвестиција ги зајакнува локалните партнери кои им помагаат на луѓето да пристапат до правни услуги и да ги задоволат основните потреби во исклучително тежок момент“, изјави Ким Џонсон, секретарка на Агенцијата за здравство и социјални услуги на Калифорнија, во соопштение за медиумите.
Во поглед на новото финансирање, нашата партија „ќе продолжи цврсто да стои во солидарност со нашите имигрантски семејства,“ изјави Лена Гонзалес.
„Федералната влада води војна против нашите заедници, но ние нема да го дозволиме тоа. Вложуваме пари во напорите да се запре стравот, да се запре разделувањето на нашите семејства и да се запре кршењето на нашите основни права“, додаде Гонзалес.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
