Yıldız Nevin Gündoğmuş
20 Мај 2020•Ажурирај: 21 Мај 2020
АНКАРА
Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, ја коментираше изјавата на новата Влада на Израел за анексија на Западниот Брег и Јорданската Долина и изјави дека „тоа е нов чекор на израелската окупаторска политика“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин во пишаното соопштение наведе дека израелскиот план за окупација на Западниот Брег е нов чекор на окупаторската политика на Израел кој не знае за меѓународното право и истакна дека светот треба да ја запре оваа бестрашна политика на Израел.
Тој изјави дека ниту еден план ниту иницијатива која ја игнорира палестинскиот народ нема легитимитет.
„Оние кои директно или индиректно ја поддржуваат политиката на анексијата и окупацијата се учесници во ова злосторство. Кога е во прашање Палестина, проблем е самиот чин на окупација. Ја отфрламе секоја постапка и чекор кои имаат за цел да го променат верскиот, историскиот и правниот статус на Ерусалим (Кудс). Ерусалим е наша црвена линија. Ерусалим е наше свето место, тој ни е даден на доверба. Сите кои ќе ја предадат оваа доверба, ќе одговараат пред историјата. Палестина им припаѓа на Палестинците. Никој нема право ни педа од таа земја да ја подари некому“, напиша Калин.
Тој истакна дека муслиманските земји треба да преземат итни чекори и дека треба да ја заштитат Палестина и Палестинците.
Калин напомена дека Турција со претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе продолжи да го поддржува палестинскиот народ.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со лидерот на опозицијата, Бени Ганц, формираше заедничка Влада на Израел, а двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот на анексија на Јорданската Долина и другите територии на Западниот Брег на кои се подигнати нелегални еврејски населби.
Палестинските власти најавија потполна суспензија на билатералните односи со Израел доколку продолжи со планот за анексија кој се однесува на третина на палестинскиот Западен Брег кој веќе со децении е под израелска окупација.