Ali Cura
20 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
МОСКВА
Премиерот на Русија, Михаил Мишустин, изјави дека состојбата во земјата предизвикана од пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), почнала постепено да се подобрува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Мишустин, по состанокот што го одржа со лицата задолжени за борбата со Ковид-19 изјави дека последните три дена е забележано намалување на бројот на детектирани лица заразени со новиот тип коронавирус.
Мишустин, истакнувајќи дека за првпат процентот на детектирани лица позитивни на Ковид-19 паднал под 3%, додаде: „Денеска за првпат бројот на оздравени лица ја надмина бројката на новозаразени на дневно ниво.“
Посочувајќи дека започнал да се намалува товарот врз здравствениот систем, Мишустин истакна: „Ваквата слика е показател дека ситуацијата постепено се подобрува.“
- Ограничувањата се укинуваат во 14 региони
Премиерот Мишустин истакна дека се создадени потребните услови за постепено укинување на ограничувањата воведени во 17 региони, и додаде „Во рамките на првата фаза донесени се соодветни одлуки, според кои во 14 од 17 региони ограничувањата ќе бидат укинати.“
Последните 24 часа во Русија Ковид-19 е детектиран кај 8.764 лица, со што вкупниот број на лица позитивни на новиот тип коронавирус изнесува 308.705. Од последици на заразеност со Ковид-19 во последното деноноќие починаа 135 лица, со што вкупниот број на смртни случаи во земјата е зголемен на 2.972. Во Русија бројот на новооздравени изнесува 9.262, а вкупниот број на оздравени пациенти изнесува 85.392.