Barış Seçkin
03 Декември 2021•Ажурирај: 04 Декември 2021
РИМ (АА) - Италијанскиот премиер Марио Драги денеска порача дека Европа треба да посвети повеќе внимание на прашањето во врска со нелегалната миграција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Форумот за Медитерански дијалози во Рим, Драги рече дека оваа година во Италија пристигнале над 63.000 нерегуларни мигранти, шестпати повеќе од бројот во 2019 година.
Истакнувајќи дека Италија не може сама да ги контролира миграциските текови, тој рече дека е потребно поголемо учество од сите европски земји во ова прашање.
„Земјата ќе продолжи да го поддржува европскиот напредок кон колективното управување со проблемите, со што се воспоставува рамнотежа помеѓу одговорноста и солидарноста“, рече тој.
Во врска со либиската криза, тој изјави дека Италија го поддржува процесот на помирување и транзиција во северноафриканската земја.
Тој рече дека претстојните избори во Либија се од „витално значење и за Либијците и за демократската иднина на земјата“.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, рече дека стабилизацијата на Либија е нивни приоритет, додавајќи дека оние кои ја водат Либија треба да работат на обезбедување слободни, фер, инклузивни и сигурни избори на 24 декември.
Претседателските и парламентарните избори во Либија ќе се одржат според условите на договорот склучен со посредство на ОН меѓу ривалските страни минатата година.
Либијците се надеваат дека изборите ќе помогнат да се стави крај на долготрајниот оружен конфликт во земјата богата со нафта.